ЈАГНЕШКОТО ДОСТИГНА 700 ДЕНАРИ – Дали ова е најскапиот Велигден досега?

Инспектори на терен со вонредни контроли за ценовни злоупотреби.

ЈАГНЕШКОТО ДОСТИГНА 700 ДЕНАРИ – Дали ова е најскапиот Велигден досега?
Фото: Принтскрин

Има денови кога секојдневните грижи се ставаат настрана, а Велигден е токму еден од тие празници што ги спојува традицијата, верата во Бога, обичаите и семејната љубов.

Велигден, како еден од најголемите христијански празници, за граѓаните не е само прашање на трошоци и економски состојби. Иако инфлацијата и цените на храната се тема на секојдневие, многумина велат дека најважно е да се сподели она што секој може да си го дозволи. Не е пресудно дали трпезата е богата и раскошна, туку дали во домот има мир, среќа и благосостојба.

Во пресрет на празникот, по пазарите и месарниците владее раздвиженост и најбарано е јагнешкото месо, заедно со останатите намирници за велигденската трпеза. Граѓаните со кои разговаравме велат дека, и покрај тешката економска состојба, „мора да се најде начин“ да се одбележи празникот.

Јагнешкото месо останува најскапо и најбарано, со цена која се движи од околу 650 до 700 денари за килограм. Од месарниците велат дека побарувачката е зголемена во деновите пред празникот.

За да се спречат можни злоупотреби и нагли поскапувања, пазарните инспектори започнаа вонредни контроли во 30 тимови. Точни податоци за движењето на цените се очекуваат во текот на следната недела.

Иако тезгите се полни со производи, празничната атмосфера годинава не носи исто ниво на потрошувачка. Купувачите се претпазливи и најчесто купуваат само најнеопходно, внимателно пресметувајќи ги трошоците.

Цените на основните прехранбени производи достигнаа ниво кое за многу семејства е тешко одржливо. Освен јагнешкото месо, поскапени се и јајцата, маслото за јадење и сезонскиот зеленчук.

Доматите и пиперките, кои се дел од традиционалната празнична трпеза, во дел од маркетите и пазарите се продаваат по цени над 200 денари за килограм. Граѓаните велат дека ваквите цени ги принудуваат да прават скромни избори и да купуваат само основни намирници.

„Секој купува колку што може, не колку што сака“, велат дел од купувачите, додавајќи дека мерки за стабилизирање на цените требало да се преземат пред празниците, а не потоа. Дел од граѓаните се снаоѓаат со пазарење во помали градови, каде цените се пониски, додека други се надеваат на намалувања по празничниот период.

Ценовниот притисок не се однесува само на неколку производи и поскапувања се забележуваат речиси во сите категории, особено кај овошјето. Според последните податоци, инфлацијата повторно бележи раст и во март достигнала околу 5% на годишно ниво.

Економските аналитичари предупредуваат дека глобалните случувања, особено нестабилноста на Блискиот Исток, влијаат врз цените на храната и енергенсите. Владата најавува дека се разгледуваат мерки за стабилизација на пазарот, меѓу кои и укинување на ДДВ за одредени производи и ограничување на трговските маржи.

Сепак, граѓаните остануваат скептични и велат дека оваа година велигденската трпеза ќе биде поскромна од вообичаено и не по избор, туку по потреба.

CATEGORIES
Share This