ЈА УБЕДИЛЕ ДЕКА ВНУКАТА УБИЛА ДЕТЕ 82 годишна жена остана без паричната заштеда

82-годишна скопјанка станала жртва на телефонска измама во која, верувајќи дека помага на блиска роднина, им предала 170.000 денари на непознати лица. Жената во СВР Скопје изјавила дека добила повик од човек кој се претставил како полициски службеник и ѝ соопштил дека нејзината внука наводно предизвикала тешка сообраќајна несреќа со загинато дете. Според измамникот, единствениот начин девојката да избегне затвор бил веднаш да се плати одредена сума пари.
Исплашена и уверена дека ѝ помага на својата внука, жената излегла од својот дом и му ги предала парите на непознат маж кој се појавил пред неа. Дури подоцна, кога успеала да ја контактира внуката, разбрала дека приказната е целосно измислена и дека била измамена.
Случајот веднаш го пријавила во полиција. Од МВР соопштуваат дека се работи на идентификација на сторителите и целосно расчистување на измамата, при што апелираат граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат во вакви телефонски сценарија.


