АЈНТРАХТ ГО ОТПУШТИ ТРЕНЕРОТ ТОПМЕЛЕР – Дали се отвора вратата за враќање на Чаби Алонсо

Гласини за Чаби Алонсо, Терзиќ и Марко Розе веќе кружат во Германија

АЈНТРАХТ ГО ОТПУШТИ ТРЕНЕРОТ ТОПМЕЛЕР – Дали се отвора вратата за враќање на Чаби Алонсо
Фото: Принтскрин

Екипата на Ајнтрахт официјално го потврди заминувањето на тренерот Дино Топмелер (44) во неделата, само два дена по драматичното реми од 3-3 против Вердер Бремен, во кое „орлите“ испуштија водство и примија гол во 94-тата минута.

Раководството на клубот, предводено од спортскиот директор Маркус Креше, оцени дека „развојот на тимот оди во надолна линија“ и дека е потребен „нов импулс“.

Иако минатата сезона Ајнтрахт заврши на одличното трето место – најдобар пласман од 1993 година, оваа сезона дефанзивата се претвори во кошмар со 39 примени голови во 18 кола во Бундеслигата (втора најлоша одбрана по Хајденхајм), со 9 примени голови во првите три пролетни натпревари и 16 примени голови во шест натпревари во Лигата на шампионите.

„Примаме несфатливо евтини голови. Во посед сме хаотични и немаме структура. Вака веќе не можеме,“ изјави Креше веднаш по ремито во Бремен, најавувајќи го крајот на ерата на Топмелер.

Додека екипата привремено ќе ја водат Денис Шмит (У21) и легендата Александер Мајер (У19), германските медиуми веќе шпекулираат со бомбастични имиња.

Најзвучното име е Чаби Алонсо – Шпанецот кој направи чуда со Леверкузен и неодамна беше отпуштен од Реал Мадрид. „Билд“ тврди дека веќе постои контакт. Други потенцијални кандидати се Един Терзиќ (поранешен тренер на Дортмунд) и Марко Розе.

Во своето проштално обраќање, синот на легендарниот Клаус Топмелер изрази жалење, но и гордост:

„Би сакал да продолжам да работам со овој тим, но ја прифаќам одлуката. Горд сум на она што го постигнавме во изминатите две и пол години. Му посакувам на Ајнтрахт помирни и успешни денови,“ рече Топмелер.

Следниот голем предизвик за Ајнтрахт е гостување во Азербејџан кај Карабах во Лигата на шампионите, каде мора да избегнат пораз за да останат во Европа.

CATEGORIES
Share This