ЏАЈКОВСКИ ЈА РАСКАЖА СВОЈАТА ПРИКАЗНА – Концерт за паметење
Џајковски, еден од највлијателните композитори на својата генерација, не ја криеше емоцијата оваа вечер, како што рече, беше исполнување на неговиот долгогодишен сон

Во незаборавна вечер исполнета со емоции, звук и светлина, македонскиот музички визионер Кирил Џајковски ја раскажа својата 25-годишна филмска музичка приказна на сцена, во живо, со полна сала, стоечки овации и ехо од аплаузи што долго одекнуваа во Македонската опера и балет.
Под диригентската палка на Емин Џијан и со поддршка од врвни солисти и оркестар од 30 музичари, Џајковски ги поведе присутните на двочасовно аудиовизуелно патување низ антологиски моменти од неговата филмска кариера. Салата пулсираше со звуците од „Големата вода“, „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „Бал-кан-кан“, „Piargy“, „Трето полувреме“ – музика што не само што ги надополнуваше, туку и ги оживуваше филмските слики.
Легендарните теми беа изведени во живо за првпат од страна на ансамбл во кој настапија Владимир Крстев (виолина), Ратко Даутовски (перкусии), Антоние Весковски (ударни инструменти), Андреј Трајковски (традиционални инструменти), Игор Иванов (кларинет) и десетчлен мешан хор. Видеопроекции од филмовите и внимателно осмислени светлосни ефекти ја збогатија атмосферата, создавајќи целосно синестетичко доживување.
Џајковски, еден од највлијателните композитори на својата генерација, не ја криеше емоцијата оваа вечер, како што рече, беше исполнување на неговиот долгогодишен сон. Во своето обраќање, со благодарност се обрати до семејството и до режисерите со кои соработувал и кои „му дале целосна доверба“ – меѓу нив и Милчо Манчевски и Иво Трајков, кои беа меѓу публиката.
Публиката возврати со громогласни аплаузи и барања за бис а Џајковски одговори со добро познатите „Jungle Shadow“ и „Глобал зурла“, композиции кои ја раздвижија салата и уште еднаш ја потврдија неговата магија.
Концертот беше повеќе од музички настан – тоа беше сведоштво за талент, истрајност и искрена посветеност на уметноста. Џајковски најави нова средба со македонската публика и по синоќешното доживување, со сигурност може да се каже: таа средба со нетрпение се очекува.


