ОХРИД ВО ЗНАКОТ НА КУЛТУРАТА И ФИЛМОТ Започнува осмото издание на Beach Film Festival

Фестивалот ќе понуди над 60 филмски проекции од современата европска кинематографија, проследени со музички настани.

ОХРИД ВО ЗНАКОТ НА КУЛТУРАТА И ФИЛМОТ Започнува осмото издание на Beach Film Festival

Од вечерва до 27 јули, Охрид повторно ќе биде во знакот на филмот и културата преку осмото издание на Beach Film Festival, кое ќе се одржи на четири уникатни локации: плажите „Славија“ и „Сараиште“, бродот „Армада“ и Младинскиот Центар Охрид.

Фестивалот ќе понуди над 60 филмски проекции од современата европска кинематографија, проследени со музички настани. Отворањето е вечерва со проекција под отворено небо на плажата Славија, што го означува почетокот на петдневна културна авантура покрај езерото.

Организаторите велат дека Beach Film Festival не е само платформа за филмови, туку и простор за размена на идеи, инспирација и поврзување преку култура во волшебниот амбиент на Охрид.

Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со награди за најдобар долгометражен и краткометражен филм, најдобро актерско остварување и најдобар студентски филм. За наградите ќе одлучува меѓународно жири, како и младо жири кое годинава првпат доделува своја награда.

Целиот приход од билети и донации ќе биде наменет за семејствата погодени од неодамнешниот пожар во Кочани.

Како вовед во фестивалот, од 2 до 6 јули беа прикажани неколку филмови на „Сараиште“.

CATEGORIES
Share This