ОД ДИПЛОМАТИЈА ДО ЛОКАЛНА АРЕНА Бујар Османи спуштен во Чаир

Иако на прв поглед изгледа како пониска функција за Османи, неговото кандидирање всушност е дел од стратегијата на ДУИ за демонстрација на партиска моќ на локално ниво.

ОД ДИПЛОМАТИЈА ДО ЛОКАЛНА АРЕНА Бујар Османи спуштен во Чаир
Фото: Национал

ДУИ и коалицијата „Европски фронт“ решија на локалните избори да настапат со најсилните кадри од партијата. Поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи, ќе биде кандидат за градоначалник на општина Чаир. Целта е јасна – да се победи актуелниот градоначалник Висар Ганиу и да се детронизира неговиот политички ментор Изет Меџити.

Иако на прв поглед изгледа како пониска функција за Османи, неговото кандидирање всушност е дел од стратегијата на ДУИ за демонстрација на партиска моќ на локално ниво. Одлуката беше донесена на денешната седница на Централното претседателство на партијата.

Покрај Османи, ДУИ го најави и Бајрам Реџепи, поранешен пратеник, како свој кандидат за градоначалник на Тетово.

Во рамки на „Европскиот фронт“ со свои кандидати ќе настапат и Алијанса за Албанците – како фракцијата на Зијадин Села, така и онаа на Арбен Таравари.

По објавувањето на кандидатурата, Бујар Османи преку објава на Фејсбук порача:

„Ова не е политичка функција, туку лична одговорност кон моите соседи и иднината на нашите деца. Сакам Чаир да биде дом каде достоинството е секојдневие. Чаир има потреба од вистински, длабоки и човечки промени. Како што јас пораснав во Чаир, така сакам тука да растат и Мал, и Елиза, и малиот Луан, и нивните другарчиња.“

Од друга страна, не се исклучува можноста и коалицијата „Вреди“ да одговори со силен противкандидат. Во изјава за Канал 5, вицепремиерот Изет Меџити не ја исклучи можноста самиот тој да се кандидира за градоначалник на Чаир, посебно по контроверзите поврзани со актуелниот градоначалник Висар Ганиу, кој беше обвинет од скопската градоначалничка Данела Арсовска за наводен криминал со фалсификувани документи за легализација на дивоградби.

„Очекуваме резултати од професионални агенции за истражување на јавното мислење, кои ќе ни дадат ориентација за тоа кој каде ќе се кандидира. Но, не ја исклучувам ниту таа опција,“ изјави Меџити.

CATEGORIES
Share This