(ВИДЕО) ГОЛЕМ ПОЖАР ВО ЦЕНТАРОТ НА КОЧАНИ Пожарникари спасиле повозрасна жена од запалена куќа, гаснењето сè уште трае

Голем пожар избувна попладнево во куќа на улицата „Браќа Ставреви“ во централното градско подрачје на Кочани, објави Радио Кочани.
Пожарникарите со неколку противпожарни возила веднаш излегле на терен и се обидуваат да го локализираат огнот. Според снимките објавени на фејсбук-страницата на Радио Кочани, најмалку две возила интервенираат на местото на настанот.
Овој дел од улицата е густо населен со куќи што се залепени една до друга, што создава ризик огнот брзо да се прошири и на околните објекти. Според неофицијални извори на МИА, пожарот од едната куќа веќе се префрлил на соседна, но благодарение на интервенцијата, истиот бил локализиран и спречено е негово понатамошно ширење.
Најдраматична сцена се одвивала кога пожарникарите успеале да извлечат повозрасна жена од една од запалените куќи. Според првичните информации, таа не е во животно загрозувачка состојба.
Засега не се познати причините за избувнувањето на пожарот, ниту колкава е вкупната материјална штета. Интервенцијата на терен продолжува.


