БЕЛАТА КУЌА ОТКРИВА – Трамп има проблеми со циркулацијата на крвта
Претседателот Трамп во април имаше темелен преглед во болницата „Волтер Рид“, кој траеше речиси пет часа и вклучуваше и когнитивно тестирање

Претседателот на САД, Доналд Трамп, предизвика големо внимание откако на кратка прес-конференција во Белата куќа беше забележан со видлив слој шминка на раката.
Портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, објави дека на Трамп му била дијагностицирана хронична венска инсуфициенција – нарушување на циркулацијата на крвта кое се манифестира со благ оток на долните екстремитети.
Експерти кои го анализираа видеото на „Дејли меил“ шпекулираат дека на раката може да се забележи и модринка, која најверојатно се обидуваат да ја сокријат. Д-р Бобак Берухим од Њујорк посочи дека модринката може да е резултат од вадење крв, каснување од инсекти или удари.
Портпаролката Левит додаде дека неодамнешните модринки на рацете на претседателот се благи оштетувања на меките ткива, предизвикани од чести ракувања и редовна употреба на аспирин за превенција на срцеви заболувања.
„Претседателот сакаше да ја сподели својата лекарска белешка со јавноста во духот на транспарентноста“, изјави Левит.
Во изминативе недели, Трамп забележал благ оток на нозете, поради што бил темелно прегледан од медицинскиот тим на Белата куќа. Биле направени ултразвучни прегледи на долните екстремитети со Доплер, кои откриле хронична венска инсуфициенција – состојба честа кај лица над 70 години.
Важно е што нема докази за длабока венска тромбоза или артериска болест. Ехокардиограмот покажал нормална структура и функција на срцето, без знаци на срцева или бубрежна слабост, ниту пак на системска болест.
Левит потврди дека модринките на задниот дел од рацете се вообичаени и се поврзани со честото ракување и употребата на аспирин. Тоа е познат и безопасен несакан ефект од терапијата со аспирин.
Претседателот Трамп во април имаше темелен преглед во болницата „Волтер Рид“, кој траеше речиси пет часа и вклучуваше и когнитивно тестирање. Во тоа време, тој изјави дека се чувствува одлично и успешно го поминал тестот, а во 2018 година тврдел дека постигнал совршен резултат на сличен тест.


