„ЗЛАТЕН КРЕМ-ПУФ“ ЗА МИЛКА, најголема измама на потрошувачите во 2025 година
Германската организација за заштита на потрошувачите ја додели неславната награда „Златен крем-пуф“ на чоколадата Милка, прогласувајќи ја за најголема рекламна измама на годината.

Германската организација за заштита на потрошувачите ја додели неславната награда „Златен крем-пуф“ на чоколадата Милка, прогласувајќи ја за најголема рекламна измама на годината.
Гласањето на јавноста ја стави Милка на првото место со над половина од сите гласови, поради практиката на „шринкфлација“ – намалување на количината на производот, додека цената останува иста или дури расте.
Производителот Mondelez го сменил дизајнот на амбалажата и ја намалил грамажата на класичните чоколади од 100 грама на 87 или 90 грама, со речиси идентична големина на пакувањето. Дополнително, коцките чоколадо добиле нов, позаоблен облик, што ја маскира промената.
Организацијата истакнува дека иако оваа пракса е легална, таа ја заблуждува јавноста и ја поткопува довербата во брендот. Наградата има за цел јавна осуда на ваквите нечесни маркетиншки трикови и повикува потрошувачите да бидат повнимателни при изборот на производи.
Случајот со Милка е дел од поширокиот глобален тренд на „шринкфлација“, со кој производителите ги пренесуваат трошоците на купувачите на скриен начин – тренд кој станува сè поприсутен во супермаркетите ширум светот.


