ТОШКОВСКИ ЈА ОБВИНУВА ОПОЗИЦИЈАТА ЗА ЛАЖНИ ТВРДЕЊА Нема да има началници без искуство
Министерот ги повика политичките партии да не ја користат безбедносната политика за дневнополитички цели, нагласувајќи дека МВР останува фокусирано на изградба на ефикасен, транспарентен и непартиски систем на работа.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ги отфрли обвинувањата на опозицијата во врска со предложените измени на Законот за полиција, истакнувајќи дека новите правила не дозволуваат партиски унапредувања ниту поставувања без работно искуство.
Во објава на својот официјален профил на Фејсбук, Тошковски ги нарече тврдењата на опозицијата „лажни и тенденциозни“, нагласувајќи дека законот предвидува строги критериуми за напредување во полициската хиерархија.
„Целосно е неточно дека некој без стаж ќе биде поставен за началник. Новите измени предвидуваат обуки, тестирања и ограничување на можноста за напредување најмногу до две позиции нагоре, и тоа само со исполнување на сите стручни и етички критериуми,“ наведе министерот.
Тошковски истакна дека секое раководно унапредување од сега ќе бара задолжителна обука и полагање елиминаторен тест – новина која, како што рече, ја гарантира департизацијата и професионализацијата на полицијата.
Во однос на новововедениот предлог за функцијата заменик-директор на Бирото за јавна безбедност, министерот објасни дека станува збор за системско решение кое обезбедува континуитет и стабилност во управувањето, а не за создавање нова „политичка функција“.
„Ова не е политичка фотелја, туку механизам со кој институцијата ќе продолжи да функционира и во отсуство на директорот“, изјави Тошковски.
Министерот ги повика политичките партии да не ја користат безбедносната политика за дневнополитички цели, нагласувајќи дека МВР останува фокусирано на изградба на ефикасен, транспарентен и непартиски систем на работа.


