ТРАГЕДИЈА СПРЕЧЕНА ВО ЗАДЕН МОМЕНТ: Само 100 метри ги делеле двата авиона на висина од 11.000 метри

Откако било забележано дека патничкиот авион продолжува да се искачува над дозволената висина од околу 10.400 метри, руските контролори на летање веднаш издале итна команда за маневар за избегнување судир.

ТРАГЕДИЈА СПРЕЧЕНА ВО ЗАДЕН МОМЕНТ: Само 100 метри ги делеле двата авиона на висина од 11.000 метри
Фото: Принтскрин

Патнички и товарен авион, и двата кинески, за малку избегнаа катастрофален судир во воздухот над Сибир, објавија весниците South China Morning Post и италијанската La Repubblica.

Во инцидентот што се случил на 6 јуни учествувале патничкиот Airbus A350 на авиокомпанијата Air China, и Boeing 767 на кинескиот товарен превозник SF Airlines.

Според информациите, двата авиони се разминале на само 90 до 120 метри растојание, на височина од речиси 11.000 метри над територијата на Русија.

Патничкиот лет CA967 на Air China, кој летал од Шангај кон Милано, превезувал голем број италијански и други европски патници. Товарниот авион на SF Airlines летал од Будимпешта кон кинескиот град Еџоу.

Откако било забележано дека патничкиот авион продолжува да се искачува над дозволената висина од околу 10.400 метри, руските контролори на летање веднаш издале итна команда за маневар за избегнување судир.

Кинеските власти веќе спроведуваат истрага за тоа зошто авионот на Air China продолжил со искачување и дали тоа било направено во согласност со инструкциите од руската контрола на летови. Се испитува и можноста за комуникациски проблеми меѓу пилотите и контролата на летање.

Во извештаите се споменува и аудио-снимка од радио-комуникацијата. На снимката, рускиот контролор на англиски прашува:

„Дали се искачувате според упатствата? Ве молам, потврдете.“

Пилотот одговара кратко и неочекувано:

„Не, ви благодарам.“

Двата весника се повикуваат на податоци од платформата Flightradar24, со кои се потврдува и временската рамка и надморската височина на двата авиони во моментот на инцидентот.

CATEGORIES
TAGS
Share This