КОНТРОЛОРИТЕ ПОВТОРНО ЗАГРОЗЕНИ ОД ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА – Сопруги, функционери и блиски на ВМРО-ДПМНЕ меѓу новите вработени

Случајот со новите вработувања во државното претпријатие М-НАВ повторно ја разгорува дебатата за политичкиот клиентелизам и злоупотребата на јавните институции. Контролорите на летање, кои пред една недела се заканија со штрајк, сега повторно се активираат поради спорниот оглас преку кој, според нивни извори, биле примени лица со блиски семејни или партиски врски.
Меѓу нововработените, според информации до кои дојде ТВ24, се сопругата на починатиот Игор Југ – осуден за организираниот напад на Собранието, Атанас Стамнов – сопруг на директорката на Централниот регистар Анита Стамнова, и Филип Ѓорѓиев – потпретседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Токму ваквите вработувања ја поттикнаа реакцијата на синдикалната организација, која оценува дека огласот воопшто не требало да биде објавен, а местата можеле да бидат пополнети со постојни, стручни кадри.
Дополнително, според договорот постигнат меѓу Владата, менаџментот на М-НАВ и Синдикатот за да се спречи штрајкот на 10 јули и да не се блокира воздушниот простор над Македонија, било предвидено претставници на синдикатот задолжително да присуствуваат на секое интервју за нови вработувања. Но, тоа очигледно не се испочитувало.
Синдикатот најави дека случајот ќе го пријави во трудовата инспекција, барајќи итно поништување на вработувањата. Вчера повторно бил објавен дел од огласот, но за само три позиции – две со средно образование и една за советник – откако неофицијално било утврдено дека дел од кандидатите не ги исполнувале основните услови и немале соодветна документација.
Според договорените точки од спречениот штрајк, Владата се обврзала не само да стави крај на партиските вработувања, туку и да обезбеди дозвола од Министерството за финансии за нов оглас за минимум шест контролори на летање, како и да распише тендер за ангажман на меѓународна, независна агенција која ќе изврши целосна анализа на состојбите во М-НАВ. Сега, по само неколку дена, довербата повторно е разнишана, а можноста за нова радикализација на незадоволството е реална.


