НАЈГОЛЕМИ ЈАВНИ НАБАВКИ ВО ПОСЛЕДНИ 10 ДЕНА – Над 6,5 милиони евра за рехабилитација на патишта, учебници, EXPO 2027 и ИТ системи

НАЈГОЛЕМИ ЈАВНИ НАБАВКИ ВО ПОСЛЕДНИ 10 ДЕНА – Над 6,5 милиони евра за рехабилитација на патишта, учебници, EXPO 2027 и ИТ системи

Во последните 10 дена беа објавени неколку високо вредни јавни набавки од различни државни институции и јавни претпријатија, со вкупна вредност што надминува 18 милиони евра. Водечкиот договор, вреден преку 6,5 милиони евра, го склучи Јавното претпријатие за државни патишта со градежната компанија „Гранит“ за рехабилитација на делници на државниот пат А2.

На второто место по вредност се наоѓа договорот на Министерството за образование и наука со „Бранко Гапо“ за печатење и дистрибуција на учебници за две учебни години, во износ од 369,6 милиони денари (околу 6 милиони евра).

Меѓу позначајните набавки е и онаа од Генералниот секретаријат на Владата, која склучи договор со здружението „Јавна Соба“ за осмислување и реализација на претставување на Република Северна Македонија на престојното EXPO 2027 во Белград, во вредност од над 1,7 милиони евра.

Катастарот склучи договор вреден речиси 1,57 милиони евра со компанијата „Игеа Мак“ за развој на нов софтвер со графички едитор, додека „Техно Коп Плус“ ќе биде задолжена за технолошко чистење на РЕК Битола за сума од над 94 милиони денари.

Во областа на здравството, Институтот за трансфузиона медицина потпиша договор за набавка на кесички за земање крв со вклучена опрема, вреден над еден милион евра. Медицинскиот факултет при УКИМ обезбеди нова медицинска и лабораториска опрема за над 61 милион денари.

Од инфраструктурните набавки, ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта инвестира во машина за бележење хоризонтална сигнализација, додека Бирото за јавни набавки ќе работи на надградба на електронскиот систем со компанијата „Некстсенс“.

Набавката на електрична енергија од страна на ЈП Водовод Охрид ја заокружува листата, со договор вреден над 800 илјади евра со компанијата ЕВН Македонија.

Ранг Институција Примател Износ (€)
1. ЈП за државни патишта Гранит АД Скопје 6,529,678 €
2. МОН Бранко Гапо ДООЕЛ 6,009,756 €
3. Влада на РСМ Јавна Соба Скопје 1,724,297 €
4. Катастар Игеа Мак Скопје 1,569,496 €
5. АД ЕСМ Техно Коп Плус Битола 1,534,959 €
6. Институт за трансфузиологија Биотек Скопје 1,049,912 €
7. Медицински факултет УКИМ Експекта Медикал 1,001,945 €
8. ЈП за одржување патишта Лугоc ЛЦ Скопје 891,293 €
9. Биро за јавни набавки Некстсенс Скопје 863,415 €
10. ЈП Водовод Охрид ЕВН Македонија 805,854 €
CATEGORIES
Share This