„Минималната плата од 24 илјади денари не е доволна за пристоен живот на едно семејство. ВМРО-ДПМНЕ не само што ги одби предлозите за зголемување на платите, туку и ја игнорира реалноста со која се соочуваат работниците. Тие постојано одбиваат да ги поддржат мерките кои би им помогнале на најзагрозените категории“, рече Тренчевска.
Таа се осврна и на фактот дека СДСМ двапати поднесе законски предлог за зголемување на минималната плата, но истиот беше одбиен од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во време кога синдикатите и работниците повикуваат на зголемување на платите, а инфлацијата постојано расте, кога секојдневно цените во маркетите вртоглаво се зголемуваат, оваа влада демонстрира целосна незаинтересираност и социјална глувост“, рече Тренчевска.
Тренчевска посочи дека и „кошничките“ кои Владата ги најавуваше – есенска, новогодишна, пролетна – не дадоа резултати. Особено кога ваквите мерки ќе престанат, цените повторно растат.
„Ова е доказ дека немаме долгорочна стратегија. Дополнително, со ребалансот на буџетот не се обезбедуваат реални решенија за граѓаните, туку се преместуваат средства без визија и без чувство за приоритетите. Владата треба да покаже вистинска грижа за граѓаните, особено за оние кои едвај врзуваат крај со крај, а не да се крие зад статистики и шминкање на реалноста. Сиромаштијата и малите плати се реалност. Неспособноста на владата е реалност“, посочи Тренчевска.



