РАСТОТ НА ЦЕНИТЕ НА СТАНОВИТЕ Е ЗАГРИЖУВАЧКИ Славески најави мерки за стабилизација на цените
Славески подвлече дека е неопходно да се прави јасна разлика помеѓу кредитирањето за решавање на станбеното прашање - особено кај младите и кредитирањето на недвижности за инвестициски или шпекулативни цели.

Народната банка (НБ) располага со соодветни мерки и инструменти за справување со економските предизвици и обезбедување ниски и стабилни цени, изјави гувернерот Трајко Славески. Тој нагласи дека институцијата внимателно ги следи економските текови и ги анализира причините за растот на цените.
„Очекуваме стабилизирање на инфлацијата и сме подготвени, доколку е потребно, да преземеме дополнителни мерки. Сепак, тоа не зависи само од Народната банка – неопходни се и политики во доменот на даноците и други инструменти. Работиме интензивно на ова прашање и наскоро јавноста ќе биде информирана“ – истакна Славески одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека во фокусот на анализите е и растот на цените на недвижностите, особено на становите, што веќе предизвикува загриженост. Според него, се работи на подготовка на мерки насочени кон овој сегмент од пазарот.
„Сметаме дека дел од факторите за растот се привремени, како што е поскапувањето на сезонското овошје и зеленчук. Очекуваме дека со тек на време состојбата ќе се стабилизира. Народната банка, како и досега, ќе дејствува во рамки на своите законски овластувања со цел одржување на ценовната стабилност“, додаде гувернерот.
Славески подвлече дека е неопходно да се прави јасна разлика помеѓу кредитирањето за решавање на станбеното прашање – особено кај младите и кредитирањето на недвижности за инвестициски или шпекулативни цели.
– Кога станот или куќата стануваат објект на шпекулација со цел профит од очекуван пораст на цените, постои ризик од сериозни социјални и економски последици. Затоа внимателно ги анализираме ваквите движења и ќе преземеме соодветни чекори, рече Славески.


