МИНИСТЕРОТ ПЕРИНСКИ ВО БУДИМПЕШТА: Зајакната билатерална соработка со Унгарија за регионален развој и локална самоуправа

Средбата претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу двете држави во клучните области на локалната политика и регионалниот развој.

МИНИСТЕРОТ ПЕРИНСКИ ВО БУДИМПЕШТА: Зајакната билатерална соработка со Унгарија за регионален развој и локална самоуправа
Фото: Министерство за локална самоуправа

Министерот за локална самоуправа на Република Македонија, Златко Перински, денеска оствари официјална посета на Будимпешта на покана од унгарскиот министер за јавна администрација и регионален развој, Тибор Наврачич.

Според соопштението од македонското Министерство за локална самоуправа, главната цел на билатералната средба била воспоставување стабилна платформа за размена на знаења и искуства, особено во делот на користење на фондовите на Европската Унија, како и унапредување на капацитетите на општините преку споделување добри практики.

На средбата се разговарало за напредокот постигнат во изминатата година, за тековните реформски процеси и за визијата за поефикасна, одговорна и транспарентна локална самоуправа.

„Изминатава година суштински ја анализиравме ситуацијата на терен и потребата на општините за долгорочен развој. Започнавме со најголема поддршка за општините досега која ја обезбеди Владата во партнерство со Унгарија за финансирање на капитални инфраструктурни проекти во сите општини“, изјави министерот Перински.

Тој ја нагласи важноста од пренесување на успешните унгарски практики, особено во доменот на дигитализација на локалните услуги и институционалното реструктурирање. Перински посебно ја истакна потребата од стратешка поддршка за локалната економија и насочени инвестиции во инфраструктурата, кои според него се клучни за создавање на поодржлив систем на управување на локално ниво.

Фокусот на дискусиите бил насочен и кон можностите кои ги нуди програмата на ЕУ – URBACT, која поттикнува меѓуградска соработка и иновации за урбан развој низ Европа.

„Соработката со држави како Унгарија, која има богато искуство со европските фондови, може да даде значаен придонес во креирањето на нашите стратешки насоки за одржлив и рамномерен развој“, посочи Перински.

Како дел од официјалната агенда, македонската делегација оствари и протоколарна посета на унгарскиот Парламент, со што беше заокружен денот исполнет со активности насочени кон унапредување на билатералните односи и стратешко партнерство во локалната и регионалната политика.

CATEGORIES
Share This