ИЗБОРНИ ТРОШОЦИ И ИНСТИТУЦИОНАЛЕН НАДЗОР – Клучни теми на конференцијата на ДЗР
На конференцијата ќе присуствуваат и претставници на меѓународната заедница и институции кои даваат поддршка за изборните процеси во земјата.

Државниот завод за ревизија (ДЗР), со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Швајцарската програма за поддршка на изборите во Северна Македонија, имплементирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), денеска во Скопје организира конференција посветена на финансиската отчетност во изборните процеси.
Како што информираат од ДЗР, на отворањето на конференцијата со поздравни обраќања ќе се обратат Максим Ацевски, главен државен ревизор, Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Вероник Хулман, амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија.
Целта на конференцијата е презентирање на клучните наоди од ревизиите на Претседателските и Парламентарните избори од 2024 година, како и поттикнување дискусија за унапредување на институционалната подготвеност и надзорот над финансирањето на изборните кампањи – особено во пресрет на локалните избори во 2025 година.
Програмата на конференцијата предвидува две тематски сесии:
-
Првата сесија, под наслов „Финансиска отчетност на изборите: научени лекции од изборите во 2024 година“, ќе се фокусира на презентацијата на ревизорските извештаи за изборите одржани во 2024 година, како и на годишните финансиски извештаи на политичките партии. Излагачи ќе бидат главниот државен ревизор Максим Ацевски и Катерина Чалоска-Алексовска, помошник на главниот државен ревизор.
-
Втората сесија, насловена „Институционални дејствувања пред изборите во 2025 година“, ќе вклучи учество на претставници од повеќе клучни институции: Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупција и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
На конференцијата ќе присуствуваат и претставници на меѓународната заедница и институции кои даваат поддршка за изборните процеси во земјата.


