СЕ БАРА КРЕВЕТ ПОВЕЌЕ – Студентските домови примаат нови станари
Примените студенти се должни да се вселат најдоцна 10 дена по објавувањето на конечниот список и склучување договор со домот.

Од денес, па сè до 31 јули 2025, се спроведува електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ државата за академската 2025/2026 година. Во овој рок може да аплицираат студентите од втора и повисоките години на додипломски студии, како и апсолвентите.
За студентите од прва година, пријавувањето ќе започне по завршувањето на уписите на факултетите, односно ќе трае од 10 до 17 септември 2025.
Аплицирањето се врши преку интернет-порталот на Министерството за образование и наука: http://e-uslugi.mon.gov.mk, каде што студентите треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат потребната документација. Секој кандидат може да конкурира само во еден студентски дом.
Доколку по објавувањето на конечните списоци останат непополнети места, пријавувањето ќе продолжи сè до пополнување на капацитетите, но најдоцна до 30 ноември 2025.
Министерството за образование и наука објави дека на располагање се вкупно 4.264 слободни места во домовите во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од нив, 851 место се наменети за бруцоши, а 3.413 за останатите студенти.
Поради реновирање, студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје нема да примаат студенти во првиот семестар, но според најавите, ќе бидат отворени од вториот семестар.
Најголем број легла има во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје – 1.212 места, во ДСД „Пелагонија“ – 997 места и во ДСД „Томе Стефановски – Сениќ“ – 335 места.
Во останатите градови во Битола во ДСД „Кочо Рацин“ има 385 места, во Охрид во ДСД „Никола Карев“ – 242 места, во Прилеп во ДСД „Орде Чопела“ – 330 места, во Штип во ДСД „Браќа Миладиновци“ – 236, во ПСД „Хилјадников“ – 60, во ПСД „Логос“ – 52 места и во Тетово во ДСД „Тетово“ слободни се 295 а во ПСД УЈИЕ – 120 места.
Конкурсот детално ги објаснува условите за прием, потребната документација, начинот на селекција и роковите.
Конечниот список за студентите од втора и повисоките години ќе биде објавен најдоцна до 6 септември 2025, а за бруцошите до 30 септември 2025. Приговори се поднесуваат во рок од 10 дена по објавување на резултатите, во домот каде што студентот конкурирал.
Примените студенти се должни да се вселат најдоцна 10 дена по објавувањето на конечниот список и склучување договор со домот.


