СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО, НО СО ЗГОЛЕМЕНА ФРЕКВЕНЦИЈА Има и забрани за тешки возила

Сообраќајот на државните патишта се одвива без поголеми пречки, при услови на суви коловози. Интензитетот на сообраќај, особено надвор од градските средини, е зголемен, а на граничниот премин „Богородица“ се бележат чекања од околу 20 минути за излез од државата. На другите гранични премини нема подолги задржувања.
АМСМ упатува апел до возачите за прилагодено возење, особено на патиштата низ клисурите и долините како Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде што постои ризик од одрони.
Од 1 јули до 31 август стапи на сила летниот режим за тешки товарни возила над 15 тони, со ограничувања за викенди и екстремно топли денови, а на патниот правец Скопје – Охрид важат посебни термини за забрана на возила над 7,5 тони, со цел олеснување на протокот на туристите и избегнување застои.
Сезонски е отворен и патот Охрид – Ресен преку Галичица, но само за возила до 3.5 тони.
Во тек се градежни активности на повеќе локации низ државата, со делумни или целосни затворања на делници, меѓу кои: Битола (ул. „Довеџик“), Кичево – с. Цер, Гостивар – Стража, Желино – Тетово, Неготино – Велес, Прилеп – Битола и делници по Коридорот 10Д. Сообраќајот на овие локации е пренасочен и регулиран со соодветна сигнализација.
Возачите се повикуваат на внимателност и следење на информациите од АМСМ за актуелната состојба на патиштата.


