КАРЕРАС СЕ ВРАЌА ВО РЕАЛ МАДРИД – шпанскиот бек потпиша до 2031 година

Реал Мадрид официјално го претстави новото засилување – 22-годишниот шпански дефанзивец Алваро Карерас, кој пристигнува од Бенфика за трансфер вреден 50 милиони евра. Сумата ќе се исплаќа во неколку рати, а Карерас потпиша долгорочен договор што ќе го задржи на „Сантијаго Бернабеу“ до 2031 година.
Во сезоната зад нас, Карерас беше еден од клучните играчи на Бенфика, со 52 настапи, четири голови и пет асистенции во сите натпреварувања. Во Мадрид доаѓа како засилување за левата бековска позиција, каде конкуренција ќе му бидат Фран Гарсија и Ферлан Менди. Со ова, тој станува четврто летно засилување на „Кралевите“, по пристигнувањето на Трент Александер-Арнолд, Дин Хујсен и Франко Мастантуоно.
Карерас не е непознат на Реал – својата фудбалска приказна ја започна токму таму, како дел од младинските категории до својата 17-та година, кога замина во Манчестер Јунајтед. По неколку позајмици, Бенфика го откупи за само 6 милиони евра, а неговите настапи привлекоа внимание на најголемите клубови во Европа.
Иако Манчестер Јунајтед имаше можност да го врати за 18 милиони евра, одлучи да не ја активира клаузулата – одлука што сега им оди во прилог на Мадриѓаните. Карерас се враќа на местото каде што започна неговата приказна, но овојпат со далеку поголемо искуство и амбиција да се етаблира во првиот тим на најтрофејниот клуб во светот.


