НЕСТАБИЛНО ВРЕМЕ СО НЕВРЕМЕ И ГРАД – Денес попладне пороен дожд, грмежи и силен ветер низ Македонија

Продор на поладен воздух од север на височина над Балканот ќе предизвика зголемена нестабилност на атмосферата во Република Македонија, што ќе резултира со појава на врнежи и локално невреме во текот на денешниот ден.
Во пладневните и попладневните часови, на повеќе места се очекува развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално, атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни, со ризик од краткотрајни невремиња проследени со обилен дожд за краток период, силен ветер, електрични празнења и можност за појава на град.
И Скопскиот регион ќе биде зафатен со нестабилно време. Во делови од котлината се очекува пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а не се исклучува и појава на краткотрајно невреме.
Граѓаните се повикуваат на зголемено внимание, особено при појава на електрични празнења – да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Во случај на силен ветер, се препорачува автомобилите да не се паркираат под дрвја, особено оние што се осамени и потенцијално нестабилни.
Температурите ќе се движат меѓу 29 и 37 степени, додека во Скопје и околината се очекува максимална температура од околу 35 степени.


