ХАКЕРСКИ НАПАД ВРЗ СУДСКИТЕ СИСТЕМИ ВО СРБИЈА – Министерството за правда алармира за сајбер-напади и потенцијална хибридна војна

Министерството за правда на Србија соопшти дека од 4 јули се наоѓа на мета на континуирани хакерски напади, кои кулминирале со сериозен напад врз Дата центарот – главната судска база на податоци во земјата. Во обид да спречат потенцијална катастрофа, надлежните ги исклучиле сите мрежни пристапи до системот.
Според соопштението, оваа мерка е превентивна, донесена поради ризикот од бришење или заклучување на чувствителни судски податоци, што би можело да резултира со уцени. Министерството посочи дека постои сериозна загриженост за безбедноста на целата судска инфраструктура, која ги поврзува сите судови и државни институции.
Хакерскиот напад е оквалификуван како „директен удар врз судството на Србија“, а Министерството не ја исклучува можноста за политичка мотивација и елемент на хибридна војна, имајќи ја предвид актуелната нестабилна ситуација во земјата. Во последните денови, низ Србија се организираат блокади на патишта и крстосници, при што демонстрантите бараат вонредни парламентарни избори.
Протестите добија на интензитет откако студентските групи, кои претходно блокираа факултети, повикаа на „граѓанска непослушност“. Масовните протести се заострија по трагедијата во Нови Сад, каде при уривање на железничка настрешница загинаа 16 лица – настан кој ја поттикна јавноста на масовна реакција.
Српските власти ги отфрлаат протестите како обид за „шарена револуција“, додека граѓанскиот притисок расте.
Ова не е првпат Србија да биде цел на сајбер-напади. Во декември 2023 година, хакери упаднаа во системот на „Електростопанство Србија“, барајќи откуп за украдени податоци. Во јуни 2022, сличен напад го парализираше Републичкиот геодетски завод, заклучувајќи го целиот систем за недвижности.
Министерството за правда најави дека јавноста и институциите ќе бидат навремено информирани за понатамошните чекори, откако системот ќе биде стабилизиран.


