СПОР ЗА СПОРТСКАТА САЛА ПАРТИЗАН: Карпош против Владата – локалната самоуправа најавува правна битка, Владата останува на ставот

СПОР ЗА СПОРТСКАТА САЛА ПАРТИЗАН: Карпош против Владата – локалната самоуправа најавува правна битка, Владата останува на ставот

Продолжува судирот меѓу централната и локалната власт околу спортската сала „Партизан“ во општина Карпош. Откако Владата донесе одлука да ја преземе салата под своја надлежност и да ја додели на Министерството за спорт, од Општина Карпош најавија дека ќе ги искористат сите правни можности за поништување на оваа одлука.

На вонредната седница на Советот на општината, сите советници, освен оние од ВМРО-ДПМНЕ, гласаа против отстапување на салата. Претседателот на Советот, Бранко Ристов, обвини дека Владата е доведена во заблуда со неточни информации дека објектот не е ставен во функција, и повика на преиспитување на одлуката. Тој потенцираше дека во салата веќе се одржуваат училишни натпревари и дека таа е функционална.

Советничката Невена Георгиевска од независната листа „Независни за Карпош“ нагласи дека само локалната власт, преку советот, може да гарантира транспарентно управување со објектот. Таа изрази загриженост дека предавањето на салата во рацете на државата може да доведе до ново запоставување, како што се случувало во минатото.

„Спортската сала е симбол на Општина Карпош. Генерации и генерации се емоционално поврзани со оваа сала. Изградена уште во 1963 година, како донација од Франција, оваа сала е местото каде нашите родители за прв пат тренирале некој спорт. Во оваа сала се “родија“ безброј талентирани спортисти кои бранејќи ги боите на Македонија постигнаа резултати за почит. Таа е врежана во нивната меморија. Врежана е и во нашата меморија каде како основци и средношколци игравме фудбал, кошарка, пинг-понг… Таа треба да биде врежана и во меморијата на нашите деца и внуци. Со промената на сопствеништвото се ризикува оваа сала да се комерцијализира и да стане недостапна за карпошани токму во онаа форма во која и ја паметат генерациите претходно. Впрочем оваа одлука е во целост спротивна на концептот на децентрализација.“ изјави советникот Мартин Димоски.

Од Владата, пак, остануваат на ставот дека салата е во државна сопственост и дека државата го има правото да одлучи за нејзиното управување. Тие истакнуваат дека причината за одземање на ингеренциите е непочитување на договорните обврски од страна на општината, и дека наместо да биде ставена во функција на спортистите и граѓаните, салата останала неупотреблива, додека локалната власт нудела изговори и обиди за манипулација со јавноста.

Реконструкцијата на салата започна во 2022 година со средства од Агенцијата за млади и спорт, а објектот беше предаден во владение на Општина Карпош. Иако градежните работи беа завршени, салата остана под клуч речиси една година, поради нецелосна опрема и меѓусебно префрлање одговорности меѓу општината и Владата.

Битката за „Партизан“ продолжува, а конечниот епилог ќе зависи од правната разврска и евентуалната подготвеност на двете страни да постигнат договор во интерес на граѓаните и спортот.

CATEGORIES
Share This