ТРАМП ЈА МЕНУВА СТРАТЕГИЈАТА Мора да му пуштиме оружје на Зеленски
Иако Трамп досега се залагаше за ограничување на американската воена поддршка, новиот курс покажува дека САД ќе продолжат да помагаат, но преку НАТО и со зголемен ангажман од европските земји.

Американскиот претседател Доналд Трамп го потврди испраќањето на нова пратка оружје во Украина, вклучувајќи напредни системи за воздушна одбрана „Патриот“. Пресвртот во политиката на Вашингтон доаѓа по серија интензивни руски напади врз украинските градови.
„Ќе ги испратиме системите на НАТО, а Алијансата ќе се погрижи за натамошната дистрибуција и финансирање“ – изјави Трамп за NBC News.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека со Трамп имале „позитивен дијалог“ за итна испорака на оружје. Тој побара десет „Патриот“ системи, опишувајќи ги како „вистински заштитници на животот“, поради зголемената ранливост на украинската воздушна одбрана.
Германија и Норвешка веќе најавија дека ќе финансираат неколку од овие системи.
„Патриот“ е еден од најсофистицираните системи за противвоздушна одбрана, дизајниран за пресретнување на балистички и крстосувачки ракети и борбени авиони. Тој користи напредни радари и прецизни ракети, што го прави клучен за одбраната на урбани и стратешки цели.
Минатата недела, Пентагон привремено ги стопираше испораките на клучно оружје, што предизвика страв кај Киев. Само неколку дена подоцна, Трамп најави нова пратка преку НАТО и побара зголемено европско учество.
Државниот секретар Марко Рубио ги повика сојузниците да ги предадат своите постоечки „Патриоти“, за Украина да добие заштита што е можно побрзо.
Во интервјуто, Трамп изјави дека е „разочаран“ од разговорот со рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека „убавото однесување“ на Москва било без резултати. Тој најави „голема најава за Русија“ во понеделник.
Иако Трамп досега се залагаше за ограничување на американската воена поддршка, новиот курс покажува дека САД ќе продолжат да помагаат, но преку НАТО и со зголемен ангажман од европските земји. Од 2022 до 2024, САД испорачаа воена помош за Украина во вредност од 69 милијарди долари.


