ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ СЕ ЗАКАНА ЗА НАЈМЛАДИТЕ – како да ги заштитите децата од летните здравствени ризици

Со доаѓањето на летото и порастот на температурите, здравјето на најмладите станува особено чувствителна тема. Бебињата и децата под петгодишна возраст се значително почувствителни на топлината отколку возрасните и се изложени на сериозни здравствени ризици доколку не се преземат навремени мерки на претпазливост.
Според педијатрите, телото на малите деца не е целосно способно да ја регулира температурата. Тие побавно се ладат, побрзо губат течности преку потење и не секогаш покажуваат дека се жедни, што ги прави подложни на дехидрација, топлотен удар и сончаница.
Потенцијалните ризици од жештините вклучуваат:
Дехидрација – Поради малиот волумен на телесни течности, децата лесно дехидрираат. Симптомите се сува уста, летаргија, ретко мокрење и сува кожа.
Топлотен осип (потнички) – Се појавува како мали црвени точки, најчесто на вратот, пазувите или препоните, поради задржување на пот.
Сончаница и топлотен удар – Последица на директна изложеност на сонце, со симптоми како висока температура, мачнина, главоболка и во потешки случаи – губење на свест.
Изгореници од сонце – Детската кожа е особено чувствителна и може да изгори дури и по кратка изложеност на сонце без заштита.
Како да ги заштитиме децата?
-
Облека: Лесна, широка и светла облека од памук, заедно со шешири и наочари се задолжителни при излегување на сонце.
-
Хидратација: Нудете вода често, дури и ако не бараат. Кај бебиња – зголемете го бројот на доења.
-
Избегнување сонце: Помеѓу 11 и 17 часот избегнувајте излегување на директна сончева светлина.
-
Заштитна крема: За деца над 6 месеци, користете крема со SPF 30+ на секои 2–3 часа.
-
Оладена просторија: Осигурајте проветрена или климатизирана просторија, без директна струја врз детето.
-
Предупредување: Никогаш не оставајте дете само во автомобил, дури ни за неколку минути. Температурата во затворено возило може да достигне смртоносни нивоа за само 10 минути.
Кога да се побара медицинска помош?
Доколку детето покажува летаргија, повраќа, не мокри повеќе од 6 часа, има покачена температура или губи свест – веднаш побарајте лекарска помош.
Летото може да биде исполнето со игра, патувања и радости, но високите температури бараат повисоко ниво на внимателност. Со соодветна заштита и одговорност, може да се обезбеди безбедно и пријатно лето за најмладите.


