ФЕСТИВАЛОТ „ПРЕКУ ЕЗЕРОТО“ ВО ДОЈРАН ОД 7 ДО 12 АВГУСТ: Лазар Ристовски добитник на наградата „Мето Јовановски“

„Преку езерото“ продолжува да расте како платформа за промоција на филмската уметност, регионалната соработка и културниот дијалог, претворајќи го Дојран во филмски епицентар на летото.

ФЕСТИВАЛОТ „ПРЕКУ ЕЗЕРОТО“ ВО ДОЈРАН ОД 7 ДО 12 АВГУСТ: Лазар Ристовски добитник на наградата „Мето Јовановски“

Четвртото издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран, со проширена програма и културна понуда што ја вклучува и Гевгелија и Струмица. Еден од највпечатливите моменти на фестивалот ќе биде доделувањето на престижната награда „Мето Јовановски“ на српскиот актер со македонско потекло, Лазар Ристовски.

„Тоа е човек кој во својата речиси петдецениска кариера беше и се уште е дел од најважните филмски случувања на Балканот и Медитеранот“, истакна директорот на фестивалот Јани Бојаџи на денешната прес-конференција.

Ристовски ќе биде претставен на првиот фестивалски ден во Амфитеатарот во Дојран, каде ќе се прикаже еден од неговите избрани филмови, по што ќе следува јавен разговор со публиката. Дополнително, во Гевгелија ќе се прикажат три од неговите најзначајни остварувања, како дел од специјалната ретроспектива.

Уметничкиот директор Небојша Јовановиќ ја претстави главната натпреварувачка програма со шест филмови од Медитеранот и Балканот:

  • „Новата Година која никогаш не дојде“ – Богдан Муресану (Романија, 2024)
  • „Кога летото ќе замине“ – Данис Тановиќ (Босна и Херцеговина, 2024)
  • „Месо“ – Димитрис Накос (Грција, 2024)
  • „Каде било, кога било“ – Милад Тангшир (Италија, 2024)
  • „Помеѓу боговите“ – Вук Ршумовиќ (Србија, 2024)
  • „Мали палави девојки“ – Уршка Џукиќ (Словенија, 2025)

Фестивалот ќе се затвори со прикажување на филмот „Стелиос“ на Никос Казанзикис. Жирито ќе го предводи минатогодишниот добитник на Гран-при, грчкиот режисер Христос Пасалис, заедно со двајца филмолози и критичари од Македонија и регионот.

Минатогодишната иницијатива за поддршка на студентски краткометражни филмови продолжува со резултати. Два од четирите грантирани проекти се веќе во фаза на постпродукција, а другите наскоро влегуваат во снимање. Четирите филма ќе имаат светски премиери на изданието во 2025 година.

Програмата за деца и млади, исто така, ќе понуди премиери на филмови со социјална и еколошка тематика, создадени од ученици од Гевгелија во рамки на специјализирана работилница.

Фестивалот не само што го промовира македонскиот филм и автори, туку и туризмот, историјата и духовното наследство на регионот. Со проширената локација на Струмица и Гевгелија, програмата ќе понуди уште поширок опфат и културна динамика.

CATEGORIES
Share This