МНР СО ОСТРА РЕАКЦИЈА: Повикан бугарскиот амбасадор по навредливите изјави на Георг Георгиев
Изјавите на Георгиев доаѓаат во чувствителен период на релациите меѓу Скопје и Софија, кои често се обременети со историски и идентитетски прашања. Оваа последна епизода дополнително ги усложнува напорите за воспоставување стабилна и предвидлива комуникација меѓу двете држави.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија денеска остро ги осуди изјавите на министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, дадени во текот на неговото гостување на бугарската телевизија БТВ, оценувајќи ги како навредливи и недолични.
Во утринската програма на БТВ, бугарскиот министер се пофали дека Бугарија станала значаен фактор во Европската унија и во регионот, алудирајќи дека Македонија тоа треба да го има предвид. Дополнително, Георгиев користеше термин „северномакедонски премиер“ кога зборуваше за премиерот Христијан Мицкоски, што беше оценето како непочитување на уставното име на државата.
Поради ваквиот јавен настап, Министерството за надворешни работи денеска го повика на итен разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, г. Жељаско Радуков. На средбата му беше врачена официјална вербална нота со протест, при што му беше укажано дека изјавите на министерот Георгиев претставуваат „директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација“.
„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување“, истакнуваат од Министерството.
Македонската страна нагласува дека очекува од официјална Софија соодветно извинување, со цел да се зачува достоинствената и принципиелна билатерална комуникација помеѓу двете земји.
Министерството најави дека ќе продолжи со внимателно следење на јавното делување на бугарските функционери, очекувајќи од нив да се воздржат од натамошни провокации и да ја почитуваат сувереноста и институциите на Република Македонија.


