ПОЖАРОТ КАЈ СМИЛКОВСКО ПОДМЕТНАТ? Институциите со докази, градоначалниците со обвинувања
Пожарот што избувна синоќа во околината на Смилковското Езеро и индустрискиот дел кај Железара, според првичните информации, не е резултат на случајност, туку е подметнат.

Вакви сериозни обвинувања дојдоа од градоначалниците на општините Гази Баба и Бутел, како и од Министерството за внатрешни работи.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој беше присутен на теренот за време на гаснењето на пожарот, јавно објави фотографии од наводни докази. Меѓу нив, може да се видат изгорени ракавици и остатоци од гуми, пронајдени токму на местото каде што избувнал пожарот.
„Еве ги доказите: остатоци од изгорена гума и ракавици се пронајдени на Смилковското Езеро. Сѐ е јасно, пожарот е подметнат. Жалосно е ако некој мисли дека на овој начин ќе добие политички поени“, напиша Стефковски на својата официјална страница на Фејсбук.
Слична порака до јавноста упати и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој тврди дека има многу очевидци кои веќе дале изјави во полиција, потврдувајќи дека пожарот бил предизвикан намерно.
На итниот состанок на Кризниот штаб што се одржа синоќа, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја потврди сериозноста на ситуацијата.
„Имаме доволно индиции. Не е случајност – додека се гаснеше еден пожар, почнуваше друг, па трет… Сѐ е многу симптоматично. Не можам да откривам детали за да не ја загрозам предистрагата“, изјави министерот Тошковски.
Според надлежните, пожарот зафатил значителна територија, но бил успешно ставен под контрола пред да стигне до населените места и до фабриките во индустриската зона кај Железара. Во интервенцијата учествувале сите расположливи сили: Противпожарната бригада на Скопје, екипи на ЈП „Комунална хигиена“ и припадници на МВР.
Истрагата е во тек, а јавноста очекува одговори – кој стои зад ова дело и со каква цел. Институциите апелираат за воздржаност додека трае предистражната постапка, но најавуваат дека нема да има толеранција за намерно предизвикување пожари.

