„STREET LIFE“ Изложба на Виктор Трајковски вечерва во Куманово

Изложбата претставува визуелно сведоштво за животот на улиците – моментите што често остануваат незабележани, но носат силна емоционална и естетска вредност.

„STREET LIFE“ Изложба на Виктор Трајковски вечерва во Куманово

Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Street Life“ на уметникот Виктор Трајковски. Изложбата ќе биде достапна за посетителите до 24 јули.

Виктор Трајковски, роден во 1977 година во Минстер, Германија, е фотограф кој живее и твори во Куманово. Повеќе од десет години е целосно посветен на уличната фотографија, истражувајќи го човечкото присуство, движењето и играта на светлина и сенки во урбаниот пејзаж.

Изложбата „Street Life“ претставува визуелно сведоштво за животот на улиците – моментите што често остануваат незабележани, но носат силна емоционална и естетска вредност. Делата го отсликуваат личниот стил на Трајковски, инспириран од големиот мајстор на уличната фотографија Алекс Веб, особено неговата употреба на боја, композиција и слоевитост.

„Улицата е платно полно со живот, со приказни што постојано се менуваат. Моја цел е да ги ‘уловам’ тие мигови и да им дадам ново значење преку објективот“, вели Трајковски.

Уметникот е активен член на Фото клуб „Куманово“ и има учествувано на бројни групни изложби организирани од фото-кино клубот „Козјак“. Добитник е на бројни награди на национални и меѓународни фотографски конкурси.

Изложбата „Street Life“ е одлична можност за љубителите на фотографијата да се запознаат со современа македонска улична фотографија и со погледот на еден автор кој вешто го претвора секојдневието во уметност.

CATEGORIES
Share This