НОВИ ДРЖАВНИ ОБВРЗНИЦИ НА БЕРЗА – котирани четири емисии на Македонската берза

Од денеска, 10 јули 2025 година, на Официјалниот пазар на Македонската берза, во подсегментот Берзанска котација, започнува тргувањето со четири државни обврзници издадени од Министерството за финансии на Република Северна Македонија. Котирањето е согласно барањето на Министерството и претставува чекор кон зголемена транспарентност и пристап до пазарот на капитал за државниот долг.
Според податоците објавени на сајтот на Македонската берза, три од обврзниците се без девизна клаузула, а една е со девизна клаузула.
Првата обврзница, без девизна клаузула, има вредност на емисија од 586,5 милиони денари, со рок на достасување до 19 јуни 2027 година и каматна стапка од 3,40%. Втората емисија изнесува 1,37 милијарди денари, со достасување до 2028 година и камата од 3,50%. Третата обврзница, со најдолг рок на доспевање до 2040 година, е во вредност од 1,81 милијарди денари и носи каматна стапка од 5,10%.
Четвртата обврзница е единствената со девизна клаузула и исто така има рок до 2040 година. Таа е во износ од 774 милиони денари и нуди годишна камата од 4,85%.
Сите обврзници имаат номинална вредност од 10.000 денари по инструмент и се издадени на 19 јуни 2025 година. Со нивното котирање се овозможува поширока инвеститорска база, секундарно тргување и транспарентност во работењето со државниот долг.

