СПАСУВАЈ СЕ КОЈ МОЖЕ Паника на летот од Мајорка, патници скокаа од авион

Авиокомпанијата е под зголемен притисок од јавноста и регулаторите да спроведе детална истрага и да одговори на сериозните обвинувања за небезбедно постапување и игнорирање на протоколите за итна евакуација.

СПАСУВАЈ СЕ КОЈ МОЖЕ Паника на летот од Мајорка, патници скокаа од авион
Фото: Принтскрин

Инцидент со лет на „Рајанер“ кој полетал од Палма де Мајорка кон Манчестер заврши со панична евакуација и повредени патници, откако, според извештаите, биле принудени да скокнат од крилото на авионот на асфалтот – од височина од дури 5,5 метри.

Иако авиокомпанијата тврди дека патниците биле евакуирани со користење на лизгалки, бројни сведоштва укажуваат дека тие не биле активирани во централниот дел на авионот. Вкупно 18 лица се повредени, шестмина завршија во болница, а една жена, 56-годишната Даниел Кели, сега е со гипс на нога и рака и очекува неколку операции за вградување на метални плочи и завртки.

„Сè се случи во хаос. Член на екипажот трчаше и викаше: „Излегувајте! Сите надвор!“. Луѓето панично почнаа да скокаат, без никакви насоки од пилотот. Се плашев за животот – изјави Кели за Дејли меил.

Според неа, стјуардите ги предупредиле патниците да ги остават работите „во случај авионот да експлодира“, што само ја влошило паниката. Таа и други патници сведочат дека немало никаков организиран процес, ниту инструкции од пилотската кабина.

Авијациски експерти велат дека евакуација без наредба од капетанот е сериозен пропуст. Пред каква било евакуација, пилотот и копилотот мораат да извршат низа проверки – вклучително и гаснење на моторите и спуштање на закрилките – за да се овозможи безбедно напуштање на авионот.

„Рајанер“ објасни дека инцидентот бил предизвикан од „лажно предупредувачко светло за пожар“, но останува нејасно кој ја иницирал евакуацијата. Компанијата соопшти дека „искрено им се извинува“ на патниците, но во исто време тврди дека повредите биле „мали“.

Сепак, патниците и очевидците велат поинаку. Според нив, лизгалките биле активирани само на предните врати, а оние што биле блиску до крилото морале сами да отворат излезите и да скокаат без никаква помош – директно на асфалт.

Стручњаците предупредуваат дека, при правилна евакуација, висината на падот не треба да надмине 1,2 метри, а не 5,5 – како во овој случај.

Авиокомпанијата е под зголемен притисок од јавноста и регулаторите да спроведе детална истрага и да одговори на сериозните обвинувања за небезбедно постапување и игнорирање на протоколите за итна евакуација.

CATEGORIES
TAGS
Share This