САРА МЕЈС СО НОВА МУЗИЧКА ЕМОЦИЈА – „Убав е“ ја слави љубовта што боли и освојува

Со авторски текст и музика, Сара ѝ дава глас на онаа болна, но неопходна љубов – онаа во која жената се бори со себеси, меѓу разумот и срцето.

Сара Мејс повторно пее од душа – нејзиниот нов сингл „Убав е“ е интимна и современа баладо-диско фузија, која од првиот такт го грабнува срцето. Со авторски текст и музика, Сара ѝ дава глас на онаа болна, но неопходна љубов – онаа во која жената се бори со себеси, меѓу разумот и срцето.

„Да нема сонце, ќе можам. Да нема вода, ќе можам. Да немам никој, ќе можам. Но, без него не можам.“ – стих кој ветува да стане генерациски рефрен.

Аранжманот, под палката на Роберт Билбилов, ѝ дава на песната модерен диско пулс со заразен ритам, кој ја спојува урбаната звучност со длабока емоционалност.

Видеото е визуелен празник – снимано на плажите во Грција и низ скопските улици, со кадри на зајдисонце, море и елегантна женственост. Стилистката Фросина ФРАН Ангеловска се погрижи за впечатлив и самоуверен изглед со летна свежина, додека за шминката и косата се погрижија ФРАН и HairHouse.

„Убав е“ не е само песна, туку уметничка изјава – честитка до сите жени кои љубат силно, се кршат и повторно стануваат. Сара останува доследна на својот стил: искрен, емоционален и моќно женски.

CATEGORIES
Share This