ПРИВЕДЕН СОПСТВЕНИКОТ НА ОТПАДОТ ВО ВИЗБЕГОВО – пожар со сериозен ризик по околината
Пожарот, кој избувнал околу 9:16 часот, зафатил хаварисани возила со плински уреди, при што се слушале и детонации. Според МВР, засега не се зафатени приватни куќи, но постои висок ризик за ширење на огнот.

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека е приведен сопственикот на отпадот за старо железо во Визбегово, каде утрово избувна голем пожар. Во инцидентот едно лице е повредено и пренесено во болница за укажување лекарска помош.
Пожарот, кој избувнал околу 9:16 часот, зафатил хаварисани возила со плински уреди, при што се слушале и детонации. Според МВР, засега не се зафатени приватни куќи, но постои висок ризик за ширење на огнот.
Во гасењето на пожарот се вклучени екипи на скопската Пожарна, како и авион „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека пожарот се шири кон околните површини, при што постои реална закана за блиските станбени куќи. ЦУК му укажал на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, дека во случај на влошување на состојбата може да биде потребна евакуација на населението од погодениот реон.
Надлежните институции продолжуваат со интервенции на терен, а јавноста се повикува на претпазливост и следење на официјалните информации.


