КОВАЧЕВ ВО СТРАЗБУР Скопје ја прикажува Софија како непријател
Тој нагласи дека властите во Скопје треба да престанат да ги кршат правата на граѓаните поради нивната етничка припадност, а прашањата од историјата, според него, не треба да водат кон судски спорови.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, познат по својата контроверзна реторика кога станува збор за Македонија и нејзиниот евроинтегративен процес, се огласи на пленарната седница на Европскиот парламент посветена на Извештајот за напредокот на Македонија во пристапувањето кон Европската Унија.
Ковачев оцени дека „граѓаните на Северна Македонија веќе две децении ја чекаат својата заслужена европска иднина“, но според него, политичарите во Скопје „не покажуваат доволна волја и систематски го саботираат овој процес“.
„Наместо вистински реформи и напредок, сведоци сме на популизам, националистичка реторика и удобно прикажување на Бугарија како непријател. Ваквата политика ја попречува европската интеграција и води кон репресија врз луѓето кои го зачувале својот бугарски идентитет – наследниците на мнозинството македонски Бугари. Тие се изложени на притисок, дискриминација и закани, како што е случајот со Љупчо Ѓорѓиевски, еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во земјата, кој денес е присутен во салата,“ изјави Ковачев, додавајќи дека Европската Унија не смее да остане рамнодушна на овие случувања.
Тој нагласи дека властите во Скопје треба да престанат да ги кршат правата на граѓаните поради нивната етничка припадност, а прашањата од историјата, според него, не треба да водат кон судски спорови.
Ковачев посочи дека Северна Македонија бара гаранции дека нема да се наметнат нови услови доколку ги исполни веќе преземените обврски, како и признавање на идентитетот и јазикот – нешта кои, според него, ги ставаат европските известувачи во незгодна позиција.
Обраќајќи се и на англиски јазик пред европратениците, Ковачев порача дека „најголемата гаранција за Северна Македонија е почитувањето на заклучоците на Советот од 2022 година и Преговарачката рамка“. Тој потсети дека бугарскиот парламент едногласно ја усвоил позицијата дека нема да има нови услови, освен веќе дефинираните.
„Мојата порака до политичката елита во Северна Македонија е јасна – не губете повеќе време и започнете ги преговорите. Ние ќе ве поддржиме и ќе ве пречекаме во Европската Унија. Судбината на вашите граѓани е во ваши раце. Не создавајте непријатели и не ги оправдувајте вашите контрапродуктивни постапки со нив,“ заврши Ковачев.


