ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ГАСОВОДНИОТ ИНТЕРКОНЕКТОР СО ГРЦИЈА: Мицкоски најави нова енергетска ера
Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Европската унија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на свечениот почеток на изградбата на гасоводниот интерконектор меѓу Македонија и Грција, проект кој се смета за стратешки чекор кон енергетска сигурност и регионална поврзаност.
„Ова не е само поставување на гасоводни цевки, туку инвестиција во енергетската независност и стабилност на земјата. Почнуваме нова фаза – посигурна, поефикасна и поисплатлива за нашата економија и граѓаните“, истакна Мицкоски во своето обраќање.
Тој додаде дека преку овој проект и идните поврзувања со гасоводите на другите соседи, Македонија се позиционира како значајна енергетска крстосница во регионот.
Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Европската унија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Гасоводниот интерконектор се очекува да донесе конкретни економски и енергетски придобивки за граѓаните и стопанството, намалувајќи ја зависноста од една рута на снабдување и отворајќи нови можности за раст и стабилност.


