ДЕМОКРАТИЈА ПО МЕРКА – Независните бараат со 20 потписи до власт, медиуми и пари од државата

Правото на граѓаните да се кандидираат за јавни функции е уставно гарантирано уште од независноста на Републиката и е нераскинлив дел од демократските процеси

ДЕМОКРАТИЈА ПО МЕРКА – Независните бараат со 20 потписи до власт, медиуми и пари од државата
Фото: Претседател на РМ

Независните граѓански здруженија деновиве ја засилуваат борбата за учество на претстојните локални избори, предупредувајќи на, како што велат, сериозна институционална репресија. По вчерашната средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на која алармираа за неповолните услови за независните кандидати, денес тие повторно се огласија, фокусирајќи се на, според нив, скандалозните измени во Изборниот законик.

Иако од соопштението на кабинетот на Сиљановска-Давкова не произлезе отворена поддршка, независните здруженија велат дека сега е клучен момент за јавноста да застане зад нивните барања. До распуштањето на Собранието и распишувањето на изборите остануваат околу 30 дена, а покрај заглавениот предлог-закон за измена на Изборниот законик – кој, како што тврдат, е дури и полош од претходните одредби укинати од Уставниот суд на 20 мај – не гледаат никаква сериозна иницијатива од пратениците да ја исполнат својата уставна улога.

Во денешното соопштение тие истакнуваат:

„Бараме итно повлекување на противуставните измени и подготовка на нов текст во согласност со одлуката на Уставниот суд У.бр.186/2024. Конкретно, бараме:-

-Поставување праг од 20 до 100 потписи (односно 200 за Град Скопје) за независни кандидатски листи, во духот на европските практики;

-Можност за собирање потписи и на терен, а не само во просториите на ДИК;

-Продолжување на рокот за собирање потписи на 30 дена;

-Целосно наведување на името на независната листа на гласачкото ливче, наместо само на носителот;

-Воведување на ждрепка како единствен механизам за утврдување на редоследот на кандидатските листи;

-Подобрување на пристапот до медиумски простор и правична распределба на средства за кампања.“

Дополнително, здруженијата бараат организирање јавна расправа при изготвувањето на новите законски измени, со активно вклучување на сите засегнати страни – независните кандидати, Министерството за правда, претседателката на државата, како и набљудувачките мисии во земјава.

Во соопштението се нагласува дека правото на граѓаните да се кандидираат за јавни функции е уставно гарантирано уште од независноста на Републиката и е нераскинлив дел од демократските процеси. Доколку актуелниот парламентарен состав не обезбеди фер услови за учество на независните кандидати, или пак, свесно ги блокира, тоа ќе биде прв случај во македонската историја на институционално ускратување на граѓански права – што би можело да создаде опасен преседан со долгорочни последици, предупредуваат здруженијата.

CATEGORIES
TAGS
Share This