СЕ БАРА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ДА СЕ ВПИШЕ ВО ЛИСТАТА НА СВЕТСКИ НАСЛЕДСТВА ВО ОПАСНОСТ нацрт-одлуката е веќе објавена
Четириесет граѓански организации од Македонија, Албанија и Европа побараа од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност.

Повикот е упатен пред 47. сесија на Комитетот што започна на 6 јули во Париз, каде повторно ќе се гласа за ова прашање.
Во нацрт-одлуката што е веќе објавена, се предвидува впишување на регионот во листата, при што од македонските власти се бара итно подобрување на заштитата на Студенчишко Блато, стопирање на сите градежни активности во неговата околина и ревизија на предложениот закон за прогласување на блатото за Парк на природата – во согласност со стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН) и мисијата на УНЕСКО од 2024 година.
„Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција и реалната опасност од неповратно губење на вредностите, го повикуваме Комитетот да ја усвои нацрт-одлуката“, се вели во писмото потпишано од организации од Македонија, Албанија, Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство.
Граѓанските организации предупредуваат дека претходните два обиди за впишување беа игнорирани од Комитетот, што довело до нови закани за културното и природното наследство. Со писмото е доставен и извештај од организацијата „Фронт 21/42“ со визуелни симулации кои прикажуваат какво уништување може да следи доколку се реализираат постоечките урбанистички планови.


