Одлуката на најголемите политички групации во Европскиот парламент да ги отстранат термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од извештајот за напредокот на Македонија предизвика жестоки реакции дома и во Брисел. Ова следи по претходниот успех во Комитетот за надворешни работи, каде што беше усвоена формулацијата за „вековен“ македонски јазик – израз кој сега е целосно избришан по притисокот од Софија.
Бугарската европратеничка Ева Мајдел од Европската народна партија (ЕПП) ја поздрави одлуката како „огромен успех за Бугарија и здравиот разум“, нагласувајќи дека Европскиот парламент не треба да биде платформа за историски спорови. Нејзиниот колега Петар Радев додаде дека темите за идентитетот создаваат „непотребна тензија“ и го повика Парламентот да се фокусира на конструктивни прашања.
Во тек е поднесување на два дополнителни амандмани во Брисел, кои уште повеќе ја продлабочуваат кризата. Првиот амандман бара билатералниот Протокол со Бугарија да стане составен дел од извештајот на Европскиот парламент. Вториот оди чекор подалеку – бара официјалниот термин „македонска влада“ да се замени со „влада на Република Северна Македонија“, што претставува нов обид за системско избегнување на придавката „македонски“.
Официјална Софија има јасна цел – со внесување на Бугарите во уставот, ќе ги негира пописните податоци во Македонија и ќе бара соодветна застапеност. Ова го порача денеска премиерот Мицкоски, на прашање – дали очекува во иднина нови барања од Бугарија со оглед на бројката од 216 илјади бугарски пасоши во Македонија, која ја објави бугарската влада, веднаш откако извештајот за земјава, го помина филтерот на АФЕТ – Комитетот за надворешни работи во Стразбург.
Токму тоа е и целта на официјална Софија, со внесување на неколку стотини македонски граѓани кои што се дел од бугарската заедница – во уставот, да се повикува на таа бројка и да вели дека пописните податоци не се точни и дека присуството на бугарското малцинствово Македонија е повеќе од 10 проценти и ќе бара соодветна застапеност. За жал тоа не успеаа да го видат од претходната влада и не доведоа во ваква ситуација. Иако и тогаш ги предупредувавме дека ова е крајната цел – вели Мицкоски.