ЈУБИЛЕЕН КОНЦЕРТ НА „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ Вечерва на Скопско лето
Во својот богат фундус ансамблот поседува над 680 оригинални народни носии од различни етнолошки региони на Македонија.

Во рамки на фестивалот „Скопско лето“, вечерва со почеток во 20:30 часот на Колонадата пред платото на Националната опера и балет ќе се одржи свечен концерт на Ансамблот на народни песни и игри „Орце Николов“ по повод 80 години од неговото постоење.
Настанот е со слободен влез и претставува чест и благодарност кон генерациите што го одржувале живо македонското фолклорно богатство.
Ансамблот „Орце Николов“ е формиран во 1945 година од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје и веќе осум децении ја негува и промовира македонската традиционална музика, ора, носии и обичаи. Во својот богат фундус ансамблот поседува над 680 оригинални народни носии од различни етнолошки региони на Македонија.
Концертот ќе понуди сплетови на изворни ора и песни, изведени со препознатливата енергија, уметничка посветеност и автентичност што ги одбележуваат изведбите на „Орце Николов“. Настанот е дел од богатата програма на Скопско лето 2025, кое годинава нуди бројни културни содржини за сите генерации.


