РЕСЕН СТАНУВА ЦЕНТАР НА ЕВРОПСКИОТ ТЕАТАР Започна фестивалот „Актерот на Европа“
Фестивалот „Актерот на Европа“ е основан во 2003 година, паралелно со прогласувањето на Преспанското Езеро за Меѓуграничен европски парк.

Вечерва пред сарајот во Ресен свечено ќе биде отворено 23. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“. Отворањето ќе започне со ретроспектива посветена на досегашните добитници на наградата за животно дело „Актер на Европа“, а годинашниот лауреат е истакнатиот германски актер и режисер Брајан Мајклс. По тој повод ќе биде прикажан уметнички портрет со неговите најзначајни театарски и сценски остварувања.
Во официјалната конкуренција ќе се претстават:
-„Lebensraum, експеримент во добрина“ – Театро Парамитиас Теспротиас, Грција,
-„Артист на таванот“ – авторски проект на Агрон Гергури, Косово,
-„Нушиќ лично“ – Народен театар на Тимочка Краина, Србија,
-„Јелена Савојска“ – соло изведба на Јелена Ѓукиќ, Црна Гора (финална вечер, 11 јули).
Македонија ќе биде претставена со две продукции:
-„Фетишист“ – авторски проект на Здравко Стојмиров, Народен театар Битола, по текст на Мишел Турние,
-„Сега му е мајката“ – по текст на Горан Стефановски, во изведба на Алтернативен театар Пробатон.
На отворањето ќе се обратат градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, претседателот на жирито Гоце Ристовски и претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш, кој ќе одржи беседа за Брајан Мајклс.
Признанието „Клучевите на Преспа“ ќе им биде доделено на Џемс Петифер од Велика Британија, почесен професор на Оксфорд и автор на „Езерата и империите во македонската историја“ и проф. Никола Јанкуловски, поранешен ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Големата повелба „Балканот – Срцето на Европа“ постхумно ќе му биде доделена на светски познатиот албански писател Исмаил Кадаре, долгогодишен поддржувач на фестивалот. Исто признание ќе добијат и Танасис Триаридис, грчки писател и театарски режисер, Саша Драгиќ, композитор од Србија и проф. Љубомир Кекеновски од Македонија.
Фестивалот „Актерот на Европа“ е основан во 2003 година, паралелно со прогласувањето на Преспанското Езеро за Меѓуграничен европски парк. Од тогаш до денес, меѓу добитниците на наградата за животно дело се значајни европски и светски актери, како Љуба Тадиќ, Јон Карамитру, Милена Зупанчич, Ана Патресон, Раде Шербеџија, Милан Кнашко, Ива Јанжурова и други.


