КФСМ ЈА ПРЕТСТАВИ СТРАТЕГИЈАТА ЗА РАЗВОЈ НА КОШАРКАТА 2025-2029 – Ова се условите за настап
Новите правила важат подеднакво за сите, без фаворизирање или компромиси. Само клубовите што ги исполнуваат сите критериуми ќе добијат право на настап.

Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), врз основа на заклучоците од состаноците со сениорските екипи, го претстави новиот стратешки план за периодот 2025-2029 година.
По темелна анализа на младинските и сениорските лиги, како и финансиската и административната состојба на клубовите од минатите сезони, КФСМ ги дефинираше насоките за стабилен и квалитетен натпреварувачки систем во следните четири години.
Во процесот активно учествуваа Канцеларијата за младински лиги, Канцеларијата за сениорски лиги и Канцеларијата за архива и администрација, која ги следи долговите на клубовите кон федерацијата.
Целта на стратегијата е системски развој, јасни упатства за напредок и фер, дисциплинирано натпреварување.
Кај младински лиги се предвидува континуиран развој на машката конкуренција и од сезоната 2025/26 ќе функционираат лигите М12, М14, М16, М18 и реактивираната М20 како развојна лига која ќе биде мост кон сениорската кошарка. Ова има за цел квалитетна подготовка на младите играчи. Кај женска конкуренција од 2025/26 ќе постојат лигите М12, М14, М16 и М18. Заради мал број женски сениорски тимови и природна интеграција на девојките на 19-20 години во сениорските екипи, не е предвидена посебна М20 лига за жени.
Пофокусиран систем се пердвидува кај сениорските лиги. Кај машка конкуренција се предвдиува суперлига (поранешна Прва лига) и во сезоната 2025/26 ќе има 12 екипи, а од 2026/27 – 10 екипи. Право на настап имаат 4 странски играчи, при што максимално 3 можат истовремено да бидат на терен во регуларниот дел, а во плеј-оф нема ограничувања. Прва македонска лига (поранешна Втора лига) ќе брои 12 екипи според пласманот од 2024/25, дополнително можат да се вклучат екипи од Третата лига по посебна покана (wildcard), доколку ги исполнат лиценцните услови. Право на настап имаат 1 странски играч.
Кај женската конкуренција ќе има прва лиг со 8 екипи и во сезоната 2025/26 и од 2026/27. Право на настап имаат 3 странски играчи, при што максимално 2 можат истовремено да бидат на терен во регуларниот дел, а во плеј-оф нема ограничувања. Втората лига ќе брои 5 екипи според пласманот од 2024/25 и сите новопријавени екипи. Право на настап со двојна лиценца според пропозициите на КФСМ.
Сите клубови, стари и нови, мораат да достават писмена пријава за учество во сезоната 2025/26. Пријавувањето на сениорските екипи е од 07 до 11 јули 2026 година. По овој рок следи втора фаза во која секој тим треба да ги пријави играчите, тренерите и домашните сали, како и да ги подмири сите претходни долгови кон федерацијата.
Клубовите кои достават комплетна документација, ги исполнат критериумите и ги подмират обврските навреме, ќе добијат активен статус, лиценца и медиумска видливост. За останатите ќе биде даден времен рок да ги завршат обврските.
Новите правила важат подеднакво за сите, без фаворизирање или компромиси. Само клубовите што ги исполнуваат сите критериуми ќе добијат право на настап.
Во втората половина на јули, КФСМ ќе организира дополнителни средби и презентации со сите пријавени клубови, каде ќе бидат детално објаснети новите лиценцни критериуми, финансиските и организациските обврски, стандардите за спортските сали и други важни детали.


