ВЛАДАТА РАЗМИСЛУВА ЗА ДОПОЛНИТЕЛЕН ДАНОК ЗА САМЦИ Мерка би влијаела позитивно на демографската криза
Како главен императив го посочи создавањето услови за раѓање на повеќе деца, за враќање на иселените, и за зајакнување на семејните вредности.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата размислува за воведување дополнителен данок за немажени и неженети лица, како дел од мерките за справување со демографската рецесија во земјава.
„Сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, изјави Мицкоски на денешниот настан „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“ во Скопје. Тој не даде детали за природата или временската рамка на потенцијалната мерка.
Во своето обраќање, премиерот ја нагласи загрижувачката статистика: во 2024 година се родиле 16.061 деца, а починале 20.201 лица, што претставува природен пад на населението од над 4.000 лица.
„Во последните четири години изгубивме над 33.000 жители – како да исчезнал град со големина на Кавадарци или Кичево“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека сè повеќе луѓе живеат сами, сè помалку стапуваат во брак, а наталитетот е во континуиран пад. Како главен императив го посочи создавањето услови за раѓање на повеќе деца, за враќање на иселените, и за зајакнување на семејните вредности.
Во македонското законодавство, вонбрачните заедници се третираат речиси идентично со брачните, особено кога станува збор за имот и издржување, што отвора прашања за тоа како евентуалниот данок би се дефинирал и применувал.
Иако во некои развиени земји неформално се зборува за „данок за самци“, таква мерка ретко постои како официјална даночна обврска.
Опозицијата и дел од јавноста веќе реагираат, оценувајќи ја мерката како дискриминаторска и ретроградна. Владини претставници најавуваат дека темата допрва ќе биде предмет на поширока дебата.


