МИЦКОСКИ ОД СТРУМИЦА НАЈАВИ РЕФОРМИ Нова администрација, транспарентно здравство и модерен образовен систем
Мицкоски посебно се осврна на Струмица, за која рече дека „предолго беше заложник на една фамилија“, најавувајќи победа на локалните избори оваа есен.

„Секој почеток е тежок, но нов почеток по години тишина, разочарување и неправда е уште потежок“, порача премиерот Христијан Мицкоски на трибина во Струмица, организирана под слоганот „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
Мицкоски нагласи дека актуелната влада наследила „оштетени институции, колабирано здравство, молчлива администрација, правосудство без доверба и млади што заминуваат од безнадежност, не од сиромаштија“.
„Почнавме не од нула, туку од минус. Избравме да работиме, не да молчиме. Не ветуваме чуда, туку борба за секој граѓанин“, изјави премиерот, потенцирајќи дека во изминатата година владата се фокусирала на системски реформи, стабилизација на институциите и враќање на довербата.
Меѓу најавените мерки во јавна администрација да има гарантирана услуга за граѓаните во рок од 5 дена, крај на бирократскиот молк и модел каде институциите се активни, а не граѓаните, во здравство да има транспарентност преку јавни листи за чекање, во образованието воведување предмет за вештачка интелигенција за подготовка на учениците за иднината, во земјоделството исплатени над 9 милијарди денари субвенции, склучени над 2.100 договори за земјоделско земјиште и зголемен извоз за 5% во првиот квартал.
Мицкоски посебно се осврна на Струмица, за која рече дека „предолго беше заложник на една фамилија“, најавувајќи победа на локалните избори оваа есен.
„Ние не одиме по црвени килими, туку работиме со народот. Ние зборуваме за вредности, не за визи. Коренот е тука – во Македонија“, порача премиерот.
Тој ја заврши трибината со оптимистичка порака:
„Ова не е обичен почеток, туку почеток на татковина што ќе обединува, ќе создава можности и ќе остане за генерациите што доаѓаат. Доаѓа времето на Македонија.“


