ПРОМЕНИ ВО СУДСТВОТО Избрани нови в.д. претседатели во Скопје, Гостивар, Дебар и Свети Николе
Во дискусијата за избор на нов в.д. претседател, членовите на Советот го разгледаа известувањето на координаторот Данка Ристова, која укажа дека процедурата за избор е спорна поради начинот на оценување и нецелосно усогласените одредби за поставување на в.д. претседател

Судијката Даниела Димовска е новиот вршител на должноста претседател на Основниот кривичен суд Скопје. Одлуката ја донесе Судскиот совет на денешната седница, по заминувањето на досегашниот претседател Иван Џолев во Апелацискиот суд.
Во дискусијата за избор на нов в.д. претседател, членовите на Советот го разгледаа известувањето на координаторот Данка Ристова, која укажа дека процедурата за избор е спорна поради начинот на оценување и нецелосно усогласените одредби за поставување на в.д. претседател. Сепак, Ристова како свој предлог ја истакна токму судијката Димовска, која доби мнозинска поддршка од членовите на Советот.
Покрај изборот во Кривичниот суд во Скопје, Советот именуваше и вршители на должноста претседатели во неколку други судови. Елјеса Алији ќе ја преземе функцијата во Основен суд Гостивар, Мерсим Марку во Основен суд Дебар, а Валентина Буревска ќе ја води судската институција во Свети Николе. Новите претседатели ќе стапат на функцијата од 6 јули годинава.
Судскиот совет донесе и одлука за разрешување на судии поротници во судовите во Свети Николе, Основен кривичен суд Скопје и Основен граѓански суд Скопје, поради истечен мандат.
Во продолжение на седницата, Советот изгласа формирање комисии за увид и оценка на пријавите поднесени по огласот за избор на претседатели на судовите во Дебар, Гостивар и Свети Николе. Овие комисии ќе ја водат понатамошната постапка за избор.
По предлог на членот на Советот Селим Адеми и надлежниот координатор, беше донесена одлука со која судијата Драган Јаковлески од Основен суд Битола се делегира во Основен суд Прилеп на период од една година.


