СУДИЈАТА САВЕСКИ ДО СУДИЈКАТА ДИМОВСКА Срамота сте за судството – одете си веднаш
Савески, кој ја даде пораката на увид и на јавноста, завршува со апел дека не може да се толерира натамошно кршење на законите и дека вистинските судии нема да ја трпат оваа состојба.

Изборот на судијката Даниела Димовска за вршител на должноста претседател на Основниот кривичен суд Скопје предизвика бурни реакции во судската фела, а најгласен беше судијата Ненад Савески, кој остро реагираше до членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска.
Во жестока порака упатена до Димовска, Савески ја обвини дека постапила спротивно на член 89 од Законот за судовите, со кој јасно се пропишува дека за в.д. претседател треба да се назначи најдобро оценетиот судија. Тој ја праша зошто е избран судија со единаесетто место според оценките и бодовите, а не првопласираниот, како што налага законот.
„Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапувате спротивно на член 89? Зошто не го бирате најдобро оценетиот судија? Таму каде што седите нè претставувате нас, судиите! Немате право да газите врз најсветото за нас – законот!“, пишува Савески во пораката.
Тој ја повика Димовска веднаш да си замине од Судскиот совет, нарекувајќи ја „срамота“ и „брука“ за судството.
Причина за неговото незадоволство е поддршката што Антоанета Димовска ѝ ја дала на Даниела Димовска, потенцирајќи дека таа била нејзина менторка и дека има одлични менаџерски способности. Савески посочува дека ваквиот однос претставува судир на интереси и дека не е прифатливо лице што имало менторска врска со кандидат да учествува во гласањето.
„Како гласате за кандидат на кој сте му биле ментор? Има судир на интереси! Одете си веднаш од Судскиот совет и од судството!“, стои во неговата порака.
Според него, ваквото однесување ја нарушува довербата во судството и испраќа порака дека законот не важи за сите подеднакво.
Изборот на Даниела Димовска беше изгласан со 10 гласа „за“ и два „против“ на денешната седница на Судскиот совет, откако досегашниот претседател на судот, Иван Џолев, беше избран за судија во Апелацискиот суд Скопје.
Савески, кој ја даде пораката на увид и на јавноста, завршува со апел дека не може да се толерира натамошно кршење на законите и дека вистинските судии нема да ја трпат оваа состојба.


