ЗАКОН ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Големите европски компании бараат двегодишно паузирање поради „нејасните“ одредби
Компаниите сметаат дека паузирањето би било силен сигнал дека ЕУ е подготвена да ги поедностави процедурите за иноватори и да ја зајакне економската конкурентност.

Неколку водечки европски компании, меѓу кои „Ербас“, „Луфтханза“, „Тотал“, АСМЛ и „Мистрал“, упатија писмо до Европската комисија со барање за двегодишно одложување на имплементацијата на Законот за вештачка интелигенција на ЕУ. Тие предупредуваат дека „нејасните, преклопувачките и сложени“ одредби од регулативата може сериозно да ја ограничат нивната способност за иновации и развој во Европа.
Компаниите сметаат дека паузирањето би било силен сигнал дека ЕУ е подготвена да ги поедностави процедурите за иноватори и да ја зајакне економската конкурентност. Тие предлагаат сите општи одредби, чија примена треба да почне на 2 август 2025, да се одложат за август 2026 – истовремено со примената на останатите правила.
Притисокот од технолошкиот сектор за измени на Законот се засилува, а Европската комисија веќе најави можност за „административно поедноставување“ во рамки на пошироки мерки за поддршка на економскиот развој.
Извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет и безбедност, Хена Виркунен, најави дека се разгледува одложување на имплементацијата на дел од правилата до крајот на август, за да се овозможи време за подготвување на упатства за нивна примена.
Законот за вештачка интелигенција е прва сеопфатна регулатива од ваков тип во светот и има цел да обезбеди безбедна, транспарентна и етичка употреба на ВИ во ЕУ. Тој поставува строги правила за високо ризични системи, забрани за ВИ апликации што се сметаат за закана за човековите права, и норми за модели со општа намена.
Државите членки имаат рок до 2 август 2025 да воспостават национални тела за надзор на спроведувањето.


