ЕВРОПСКИТЕ БЕРЗИ ВО ПОРАСТ – Причина олеснувањето на американските ограничувања кон Кина

Европските берзански индекси денеска бележат раст, поттикнати од позитивното расположение на американските и азиските пазари, по веста дека администрацијата на Доналд Трамп ги укина ограничувањата за продажба на софтвер за дизајн на чипови во Кина.
Според новите регулативи, американските технолошки компании повеќе нема да имаат потреба од владини дозволи за да соработуваат со кинески партнери, што внесе дополнителна доза на оптимизам кај инвеститорите.
Фјучерсите за гас на TTF се тргуваа за 33,460 €/MWh, додека цените на нафтата паднаа – сурова на 66,679 $, а Брент на 68,360 $ по барел.
Цената на златото благо се зголеми на 3.358,16 $/унца, а пченицата се тргува по пониска цена од 5,5438 $/бушел.
На девизниот пазар, еврото благо ослабе во однос на доларот – 1,18077 $/€, што претставува пад од 0,08%.
Фокусот денес е насочен и кон новите податоци за економската активност во Шпанија и Италија, како и кон американскиот извештај за вработеноста, кој би можел да влијае врз идните монетарни политики.


