МИЦКОСКИ СО ОСТРА ПОРАКА Македонскиот јазик и идентитет се бришат „на талибански начин“ од извештајот на ЕП
Мицкоски истакна дека предупредувале за ваквиот манипулативен пристап и дека е подеднакво лошо ако во извештајот стоеше „модерен“ пред „македонски идентитет“ и „македонски јазик“.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање жестоко реагираше на информациите од бугарските медиуми дека трите најголеми политички групи во Европскиот парламент се договориле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија. Тој оцени дека ова е „бришење на македонскиот јазик и идентитет на талибански начин“.
Мицкоски потенцира дека по седум години настанатиот развој во земјата довел до оваа сериозна состојба и дека како народ го дочекале ова во 21 век. Според него, виновници за ова се актуелните македонски власти, меѓу кои ги посочи Бујар Османи, Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ.
Бугарската агенција БГНЕС објави дека Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова се согласиле да ги отстранат овие термини од нацрт-извештајот кој треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули. Оваа информација ја потврди и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
Мицкоски истакна дека предупредувале за ваквиот манипулативен пристап и дека е подеднакво лошо ако во извештајот стоеше „модерен“ пред „македонски идентитет“ и „македонски јазик“. Тој подвлече дека минатата пролет, кога овие термини првпат поминале на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, ќе остане забележано во колективната меморија како историски момент.
Премиерот потенцира дека вистинскиот проблем не е само внесувањето на неколку стотини Бугари во македонскиот Устав, туку многу подлабок и комплексен. Тој ги повика сите кои во минатото манипулирале и уверувале дека со уставни промени ќе се решат сите проблеми, да излезат пред македонските граѓани и да им се извинуваат, како и пред сите добронамерници од Македонија и од странство, кои не биле искрено информирани за вистинската состојба.


