ЕКСТРЕМНО ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ – Препораки за заштита од ИЈЗ
Се советува избегнување на сонце и активности на отворено од 11 до 17 часот, носење лесна и светла облека, капа и очила, како и редовна хидратација без чекање чувство на жед.

Под влијание на топол воздушен бран од југ, од денеска до средината на следната недела, во земјава ќе преовладува сончево и многу топло време со температури над 30°C, а на места и над 40°C, информира Управата за хидрометеоролошки работи. Во недела попладне се очекува локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Институтот за јавно здравје излезе со препораки за заштита, особено за повозрасните лица и хронично болните. Се советува избегнување на сонце и активности на отворено од 11 до 17 часот, носење лесна и светла облека, капа и очила, како и редовна хидратација без чекање чувство на жед. Треба да се избегнуваат алкохол, кофеин и екстремно ладни пијалаци.
Се препорачува ограничено користење на шпорети и рерни во најтоплиот дел од денот. Хроничните болни мора редовно да ја земаат терапијата и да се консултираат со матичен лекар при промени во здравствената состојба.


