ТРАГЕДИЈА ГО ПОТРЕСЕ ФУДБАЛОТ Фудбалерот на Ливерпул Диого Жота и неговиот брат живи изгореле во сообраќајка
Во меѓувреме полицијата соопшти дека причина за несреќата е пукната гума на луксузното возило Ламборџини, во миговите додека претекнувал друго возило, по што излетало од патот и се запалило. Еве ја изјавата од полицијата за причината за несреќата.

Утрово фудбалската јавност беше шокирана од тажната вест за смртта на Диого Жота (28), активен фудбалер на англискиот клуб Ливерпул. Тој заедно со својот брат Андре (26), исто така професионален спортист, загинаа во сообраќајна несреќа во Шпанија.
Несреќата се случи на автопатот А-52, во близина на општината Палациос де Санабрија, покраина Самора. Возилото во кое патувале двајцата браќа излетало од патот и се запалило, при што огнот се проширил и на околната вегетација. И покрај брзата интервенција на очевидците и повикот за итна помош, двата живота беа загубени на самото место.
Веста предизвика голем број реакции на социјалните мрежи – од соиграчи, тренери и клубови кои изразија неверување и длабоко сочувство. Спортските новинари и навивачи ширум светот ја оценуваат оваа загуба како „неверојатно тажна“ и „шокантна“.
Диого Жота беше познат по својата пожртвуваност, техничката вештина и големата посветеност кон фудбалот. Негова кариера беше во подем, а зад себе остави семејство, пријатели, соиграчи и илјадници навивачи кои денес го жалат прерано згаснатиот живот.
Фудбалските клубови Порто и Ливерпул објавија официјални реакци:
„Порто е во тага. Со голем шок и длабоко жалење, им испраќаме искрено сочувство на семејството и на пријателите на Диого Жота и на неговиот брат, Андре Силва, кој, исто така, беше наш младински играч. Нека почиваат во мир“! – соопштија од неговиот поранешен клуб, Порто, преку официјалната веб-страница.
„Ливерпул е целосно скршен од трагичната смрт на Диого Жота. Клубот е информиран дека 28-годишниот Диого починал во сообраќајна несреќа во Шпанија, заедно со својот брат, Андре. Ливерпул нема да дава понатамошни коментари во овој момент и бара да се почитува приватноста на семејството, пријателите, соиграчите и на персоналот на клубот додека се справуваат со оваа ненадоместлива загуба“ – пишува во соопштението на Ливерпул.
Во меѓувреме полицијата соопшти дека причина за несреќата е пукната гума на луксузното возило Ламборџини, во миговите додека претекнувал друго возило, по што излетало од патот и се запалило. Еве ја изјавата од полицијата за причината за несреќата.
„Сообраќајната несреќа се случила утрово во 00:30 часот на 65-тиот километар од автопатот А-52, во општината Чернадиља, во покраината Замора. Возилото излетало од патот, а сите индикации укажуваат дека гума пукнала при претекнување. Како резултат на несреќата, автомобилот се запалил и двете лица во возилото загинале. Додека резултатите од форензичките тестови се чекаат, една од жртвите е идентификувана како Диого Жота, фудбалер на Ливерпул, а другата како неговиот брат, Андре Силва“, се вели во соопштението.


